Милевски по „непреспиената“ ноќ: Дел од мене тагува, дел е горд на момците! (ВИДЕО)

ЕКИПА во Гдиња,

Никола Ѓуровски, Владимир Булатовиќ, Игор Паневски

Селекторот на младата репрезентација на Македонија, Благоја Милевски, како што самиот вели по непреспиената ноќ во Сопот, се уште не може да се помири со убедливиот пораз во нашето деби на Европските првенства. Затоа што не заслуживме, и затоа што „фуријата“ не беше до таа мера убедлива за победа од 5-0.

„Секако дел од мене е и тоа како разочаран по вчерашниот убедлив пораз а вториот дел е горд што момците потврдија дека умеат да се надигруваат со најдобрите светски фудбалери во својата генерација. Горд што бевме рамноправни, барем до таа 60. минута и примениот четврти гол, иако резултатот воопшто не зборува така“ – истакна Милевски пред македонските медиуми на денешниот попладневен тренинг, кој репрезентацијата го одработи на стадионот на Лехиа во Гдањск.

А, од тренингот ослободени од „обврските“ беа оние 15 фудбалери кои настапија на синоќешниот дуел против Шпанците…

„Да, тие на попладневниот тренинг се ослободени, затоа што утрово имаа рекуперативен тренинг по вчерашниот дуел“ – истакна Милевски, осврнувајќи се и на следниот наш противник, репрезентацијата на Србија.

„Го гледав нивниот натпревар со Португалија, и може да кажам дека не одиграа ништо поразлично од претходните свои средби. Имаат одлични поединци, тоа е факт, но деталната анализа останува наредниве денови кога и заедно со фудбалерите ќе ја анализираме српската селекција“.

Се вчитува...