Шпанците се од друга планета, горчливо деби за Македонија на ЕП

ЕКИПА во Гдиња,Никола Ѓуровски, Владимир Булатовиќ, Игор Паневски 

Не сме ние слаби, не, не, не…Шпанците се вонземјани, фудбалери од друга планета. Асенсио, Саул, Делофеу, голманот Кепа…се врвна европска класа, уште сега се вистински мегаѕвезди. Македонија имаше несреќа да налета на моќната Шпанија на своето деби на Европското првенство во Полска и загуби со убедливи 5-0. Хет – трик на Асенсио, гол со ножички на Саул Нигез и реализиран пенал на Делофеу.

„Црвената фурија“ беше пресилна за македонските „херои“, но и во таков убедлив пораз тие одиграа храбро, офанзивно, создадоа неколку убави шанси, но немаа среќа да реализираат. Давид Бабунски ја погоди гредата, а голманот Кепа Аризабалага одбрани три фантастични шутеви кон неговиот гол.

На самиот почеток, Македонија прва се закани, Дарко Велковски доби еден отпадок по слободниот удар на Барди, но шутираше високо над голот. Возвратија и Шпанците, со шутот на Саул од 25 метри, но не беше прецизен.

Македонија продолжи офанзивно, а во осмата минута Давид Бабунски го испроба својот удар од далечина, но за малку над голот на Кепа.

И потоа Саул Нигез покажа зошто вреди 40 милиони евра. Гаја центрираше од левата страна, а Саул со ножички го совлада Алексовски.

По само две минути Македонија можеше да возврати. Ангелов имаше убава можност, шутираше од седум метри, но Кепа одбрани.

Шпанците влегоа во нова супер шанса, Делофеу шутираше крај истрчаниот Алексовски, но Демири не дозволи да се тресе нашата мрежа. А тоа што не му успеа на Делофеу, со велемајсторски потег го стори Марко Асенсио. Во 16.минута, испрати вистински проектил од 25 метри и ја закова топката во горниот лев агол од голот на Македонија.

denis suarez makedonija spanija

Во 22.минута, Бејтулаи центрираше од десната страна, а Радески упати удар со глава, но заврши крај голот. Две минути подоцна, Енис Барди шутираше од 25 метри, но директно во шпанскиот голман Кепа.

Македонија продолжи со офанзивна игра. Марјан Радески имаше одлична шанса во 27.минута, но противникот повторно се спаси. На спротивната страна Асенсио сериозно се закани, а Алексовски успеа да одбрани и да исфрли во корнер.

asensio slavi

Во 35.минута, пенал за Шпанија. Гаја нафрли од левата страна, Бејтулаи играше со рака во шеснаесетникот и беше покажан удар од белата точка. Делофеу беше успешен реализатор на најстрогата казна.

И по третиот примен гол, Македонија продолжи да напаѓа. Барди во 43.минута распали од 20 метри, Кепа на неверојатен начин одбрани и исфрли во корнер. Само една минута подоцна, уште еден проектил откосо од десната страна, а Кепа феноменален.

На полувремето селекторот Благоја Милевски направи две замени, и во игра ги уфрли Ељиф Елмас и Никола Ѓорѓев, кои ги заменија Кире Маркоски и Виктор Ангелов.

Но, Шпанија продолжи да торпедира. Во 54.минута, Марко Асенсио со својот втор гол, шутирајќи крај Дарко Велковски, зголеми на 4-0. И не ја сакаше Македонија. Давид Бабунски само три минути подоцна со волеј-удар ја погоди гредата од голот на Шпанија.

Асенсио беше немилосрден, па во 72.минута, покажа уште една мајсторија и по третпат го совлада Алексовски, за 5-0.

Горчлив пораз на Македонија на стартот на Европското првенство, но се надеваме и дека нема да ја наруши претставата за нашите „херои“.

Не, не, не…не се македонските фудбалери слаби, туку Шпанците се вонземјани.

mkd spanija1

ШПАНИЈА – МАКЕДОНИЈА 5-0 (3-0)

Стадион во Гдиња. Гледачи: 10.000. Судија: Харалд Лехнер (Австрија). Стрелци: Саул 10’, Асенсио 16’, 54’, 72’, Делофеу 35’ пен. (Шпанија). Ж. Картони: Мере(Шпанија).

ШПАНИЈА: Кепа, Бекерин, Мере, Ваљехо, Гаја, Љоренте, Саул, Суарез, Делофеу (63’ Себалос), Асенсио (81’ Ојарзабал), Сандро (72’ Вилијамс).

МАКЕДОНИЈА: Алексовски, Бејтулаи, Велковски, Зајков, Демири, Николов, Барди, Бабунски (75’ Костадинов), Радески, Ангелов (46’ Елмас), Маркоски (46’ Ѓорѓев).

Се вчитува...