ЕП 2017 НИЗ БРОЈКИ: Милевски најдобар меѓу селекторите на ЕВРО, Македонија со најголем број „сениори“ меѓу младите!

Непосредно пред денешниот почеток на македонската одисеја, за првпат во историјата, на еден Европски шампионат во фудбал, ЕКИПА од еден специфичен агол ви ги носи најзначајните факти за собирот на најдобрите млади фудбалери од Европа во Полска.

Преку „говорот на бројките“ погледнете ги фактографските податоци околу централните поенти за Европското првенство 2017, а кое во голема мера не засегаат и нас…

1 – Македонија е единствениот дебитант од 12 земји на ЕП 2017

2,06 – Селекторот на Македонија, Благоја Милевски е, согласно статистичкиот коефициент на успешност изработен од УЕФА, најдобриот меѓу 12 селектори на ЕП 2017 со коефициент – 2.06. Зад македонскиот селектор е шпанскиот селектор Алберт Селадес кој има коефициент на успешност – 1,93, а потоа следи селекторот на Португалија.

Komparacija Milevski

5 – Италија е репрезентација која има најмногу титули европски шампион за фудбалери до 21 година.

7,73 – Македонија е репрезентацијата со најмала финансиска вредност на шампионатот во Полска – вкупна вредност на репрезентативците од 7,73 милиони евра (според: Трансфермаркт). Најголема пазарна цена има Никола Ѓорѓев – 1 милиони евра, Барди има 700.000 евра, а Бабунски, Велковски, Радески и Демири – 500.000 евра. Шпанија е пак, највредната со вкупна вредност на пазарот на нејзините репрезентативци од 269,5 милиони евра. Но, на терен не играат парите. Македонија покажа во квалификациите!

Komparacija

8 – Македонија има најголем број фудбалери во Групата Б кои настапиле и во сениорската репрезентација на својата земја – осум: Барди, Велковски, Бабунски, Ѓоргев, Маркоски, Зајков, Радески, Николов. Потоа е Шпанија со седум млади фудбалери кои имаат и сениорски настап: Асенсио, Беларин, Делофеу, Саул Нигез, Ојарзабал, Денис Суарез и Инаки Вилијамс. Португалија има пет фудбалери, а Србија тројца (Грујиќ, Максимовиќ и Живковиќ).

10 – Германија е единствениот тим на ЕП квалификувана со перфектен рекорд.

12 – Европското првенство во Полска за првпат се игра со 12 репрезентации, за разлика од досегашните шампионати по осум селекции на завршниот турнир.

EP 2017

13 – Македонија е втората репрезентација во Европа, и на шампионатот во Полска, со најдолга низа без пораз. Единствено пред нас е Португалија со 19 натпревари едноподруго без пораз.

16 – Најмладиот фудбалер кој настапи во квалификациите за ЕП 2017 е Норвежанецот Мартин Одегард со само 16 години

21 – Бројот на натпревари колку што ќе се одиграат на ЕП 2017 во Полска до 30. јуни

21,8 – Просечната старост на македонската репрезентација во Полска, која е меѓу најмладите на ЕП. Единствено помлада од нас, во просек, е Србија – 21,6. Највозрасни репрезентации се Чешка – 22,3, Германија – 22,2 и Англија – 22,1.

40 – Шпанецот Саул Нигез од Атлетико Мадрид е фудбалерот со највисока вредност од сите присутни на Европското првенство – 40 милиони евра (се разбира според секогаш дискутабилниот: Трансфермаркт). Највредниот Македонец е Никола Ѓорѓев од Грасхоперс, проценет на еден милион евра.

komparacija 2

279 – Број на фудбалери присутни на Европскиот шампионат во Полска. Македонија е со 24 фудбалери на своето деби на ЕП.

1682 – Број на фудбалери колку што настапија во квалификациите за ЕП 2017.

Се вчитува...