И покрај интенцијата кај пооделни репрезентативци од редовите на Шпанија, Србија и Португалија да ја потенцираат почитта кон Македонија како противник на овој шампионат, факт е дека во сериозна мера потценувачки е односот на противниците кон македонскиот состав.
Пред стартот на шампионатот на најдобрите млади селекции во Европа, добар дел од медиумите, пред се во Шпанија и Србија, потенцираа дека бодовите на нивните селекции против Македонија се веќе однапред планирани. Сето тоа поддржано и преку изјавите на селекторите Селадес и Лалатовиќ, кои нагласија дека крајниот дострел на македонските фудбалери е самиот пласман на ЕП.
Околу оваа проблематика селекторот Благоја Милевски, пак, на десетина часа пред стартот за нас на Европското првенство ќе рече:
„Воопшто не се оптоварувам што и како изјавуваат од другите репрезентации. Да ви кажам искрено и воопшто не читам што се пишува низ медиумите во земјите кои се наши противници. Ние, не се оптоварувавме и низ квалификациите кога игравме и против една Франција, па така е и сега. Впрочем, ако некој треба да размислува повеќе, тогаш тоа се нашите противници кои секако се фаворити. Единствено што знам е дека овие момци воопшто не стравуваат од ниту еден противник, ниту пак се плашат од било каков притисок. Тоа го докажаа и досега. Работевме и изминативе денови и на психолошка подготовка, но овие фудбалери се талентирани не само фудбалски, туку и карактерно.“
Милевски заокружувајќи ги подготовките со синоќешниот официјален тренинг во Гдиња, не ги крие пофалбите за своите избраници….
„Треба да сме задоволни од нашите фудбалери. Работеа на високо ниво и покажаа желба и мотив низ текот на целите подготовки. Оваа генерација е способна да се покаже во најдобро светло, против најдобрите европски репрезентации. Овој тим е во состојба да одговори на предизвикот на сите три натпревари во групата, а каков ќе биде исходот на крајот – ќе видиме. Целта е да го дадеме најдоброто од себе, да се радуваме во играта и дуелите против големите противници. Што и да биде на ова првенство, овие фудбалери остануваат иднина на македонскиот фудбал.“
Натпреварот со Шпанија би можел да го одреди расплетот во веројатно најтешката група на Европското првенство?
„Шпанија е состав кој секако може да промени многу работи на теренот, но реков, ние се подготвуваме и ќе се концентрираме првенствено на себе и на своите задачи. На тој начин станува помалку важно во кој состав игра противникот. Имаме самодоверба и подготвени го чекаме почетокот на вечерашниот натпревар“ – вели селекторот Благоја Милевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА