Одличните резултати на Карпош соколи во минатата сезона, во која овој клуб го освои пехарот во Купот на Македонија и стигна до финалето од плејофот, се само мотив повеќе за управата на „соколите“ да продолжи во ист ритам и во следната сезона. Во тој правец, раководството на клубот го договори останувањето на Драган Лабовиќ, кој беше еден од најдобрите кошаркари минатата сезона и го стави својот потпис на новиот едногодишен договор со екипата од Карпош.
За разлика од Лабовиќ, не е продолжена соработката со Бојан Трајковски, за кого “е проценето дека повеќе не му е потребен на Карпош Соколи, каде што доби шанса за првпат да се натпреварува во силно регионално натпреварување како АБА-лигата“ – како што се наведува на официјалната веб-страница на Карпош соколи.
Во завршна фаза се преговорите со Американецот Кендрик Пери, како и со македонските кошаркари Дарко Соколов и Игор Пенов, по што ќе се пристапи кон изборот на тренер со кого ќе се избираат и новите засилувања за следната сезона.
Воедно, челниците на „соколите“ ја известуваат македонската јавност дека е испратена пријава за учество во ФИБА Еврокупот, каде што треба да продолжи европската приказна со уште подобар начин како досега. Во случај ако МЗТ Скопје Аеродром како шампион не се пријави за настап во Лигата на шампионите, тогаш фокусот ќе биде пренасочен кон ова уште реномирано натпреварување каде што нашиот тим како вицешампион е следен на листата за учество.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА