Александар Тодоров е тренерот што ќе го води МЗТ Скопје во следната натпреварувачка сезона, дознава ЕКИПА.
Управата на актуелниот првак реши по бројните промени на кормилото во последните години да се обиде да се стабилизира ангажирајќи го стратегот што им ја донесе на аеродромци првата титула во клупската историја. „Металците“ по тешка битка со Карпош соколи стигнаа до титулата во домашното првенство под водство на Анте Назор, но идејата на „сино-белите“ е во новата сезона да го променат концептот, па да бидат водени од македонски стратег и во своите редови да имаат поголем број на квалитетни македонски кошаркари.
Тодоров по заминувањето од МЗТ беше тренер на Балкан во Бугарија. Пред две сезони тој беше предводник на Динамо Букурешт во Романија, лани седна на клупата на Пеќ, но набрзо си замина поради неисполнетите ветувања од страна на раководството на косовскиот клуб. Тој уште при заминувањето од клупата на „металците“, не ја криеше желбата еден ден да се врати на чело на овој клуб, а со постигнатиот договор му се овозможува да ја продолжи серијата од шест титули што токму тој ја започна.
Новиот тренер во времето минато на клупата на „металците“ имаше беспрекорен однос со навивачите, па се очекува со неговиот ангажман да се придвижат и разговорите на релација управа – Фемили Аеродром, за најверните фанови на МЗТ Скопје во следната сезона да се вратат на трибината во СЦ „Јане Сандански“ и да им дадат безрезервна поддршка на кошаркарите при следните искушенија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА