Италијанскиот првак Јувентус не се откажува од намерната за ангажман на бразилскиот интернационалец Даглас Коста од Баерн Минхен. Тој е незадоволен на „Алијанц арена“ поради слабата минутажа што ја имаше изминатата сезона, па најави можност за заминување. Тоа сака да го искористи раководството на „старата дама“ и да го доведе во Торино.
Јувентус испратил и понуда од 30 милиони евра за Даглас Коста и да го ангажира како значајно засилување за следната сезона. Тренерот Масимилијано Алегри е свесен за неговите квалитети и знае дека одлично би се вклопил на левата крилна позиција, а може да игра и во средниот ред, како офанзивен играч за врска. Мал проблем засега претставуваат личните услови на Бразилецот, со оглед дека бара 7 милиони евра годишна плата, но, сепак, челниците на Јувентус се убедени дека можат да ја изменаџираат и оваа ситуација.
Баерн го ангажираше Серж Гнабри од Вердер и уште повеќе ја зголеми конкуренцијата на крилните позиции во тимот, што е уште еден предзнак дека Коста летово ќе си замине од Минхен. Сепак, останува да се види дали Јувентус ќе успее да ја добие трката по овој фудбалер, за кого се интересираат и неколку клубови од Премиер-лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА