Македонската репрезентација продолжува со подготовките за завршните две квалификациски средби за ЕП 2018, во кои „црвено-жолтите“ за противници ќе ги имаат Украина и Чешка. Селекторот Раул Гонзалес од денеска на располагање ќе ги има и членовите на Некар Левен, Филип Талески и Дејан Манасков, кои по прославата на титулата во Бундес-лигата се вратија назад во Македонија.
Талески, кој одигра одлично на првиот меч во Скопје против Исланд, има само пофални зборови за селекторот Гонзалес и промените што шпанскиот стратег ги направи во играта на нашиот национален тим.
„Раул Гонзалес донесе бројни позитивни промени во репрезентацијата. Имаме нов систем во одбраната, исто така сме многу побрзи во нападот, сметам дека оваа тактика целосно им одговара на сите ракометари. Повторно немаме многу време за тренинзи и подготовки, но најважно е да се пласираме на Европското Првенство во Хрватска, потоа ќе имаме доволно долг период за подготовки и атак на висок пласман. Фокусот ни е на дуелот со Украина бидејќи ова е најважниот натпревар за нас во овие квалификации, победа широко би ни ги отворила вратите кон ЕП. Очекувам под водство на Гонзалес да стигнеме до позитивни резултати во следниот период“ – изјави Талески.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА