Младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година утре патува за Полска, каде од 16. до 30.јуни ќе учествува на Европското првенство. Македонските „херои“ се подготвени за најголемиот предизвик, и ветуваат дека нема да го разочараат македонскиот народ со резултатите ниту на најголемиот самит на европски фудбалски таленти. Во група се со Шпанија, Србија и Португалија, а Даниел Аврамовски порачува дека тој и неговите колеги гордо ќе го носат дресот со националниот грб на овој голем настан.
„Нема поубаво чувство од тоа да го носиш дресот на македонската репрезентација. А кога ни се дава шанса тоа да го правиме на Европско првенство, бидете сигурни дека ќе го носиме со гордост. Се надевам дека ќе продолжиме во ист стил како и досега, и дека ќе го радуваме македонскиот народ и од Полска. Се подготвувавме одлично во изминатиот период и одиме да го претставиме македонскиот фудбал во најдобро светло. Ривалите се навистина силни селекции, но можам да ветам во името на сите соиграчи, дека ќе се трудиме максимално, дека ќе се бориме за секоја топка“, вели Аврамовски.
Тој се чувствува „фит“ и е максимално подготвен за настап, иако имаше проблеми со повредите во својот тим Олимпија.
„Отсуствував одреден период, меѓутоа во последните триесетина дена работев напорно во клубот, а сега и со колегите од националниот тим, под раководство на селекторот Милевски. Се чувствувам максимално подготвен и едвај чекаме да започне Европското првенство“, дополнува Аврамовски.
Младите фудбалски „херои“ вечерва ќе го следат мечот меѓу А-селекциите на Македонија и на Шпанија, а утре патуваат за Полска, каде ќе ги имаат последните подготовки, пред првиот дуел на ЕП, в сабота, против „црвената фурија“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА