Рома го собира „вишокот“ на Барса и Реал

Рома ќе се засилува со фудбалери од Реал Мадрид и од Барселона, кои во овие шпански гиганти се како подзаборавени. Маријано од Реал Мадрид и Денис Суарез од Барселона, се на радарот на спортскиот директор Мончи, кој смета дека составот на „волчицата“ ќе го засили со играчи од лигата која најмногу ја познава.

Талентираниот напаѓач Маријано Дијаз е на излена врата на „Сантијаго Бернабеу“, а Рома може да биде дестинацијата каде ќе се бори за место во првиот тим. 23-годишниот напаѓач имаше одлични настапи за третиот и вториот тим на Реал Мадрид, но за првиот тим настапи само осум пати, воглавно влегувајќи од клупа. За него се интересираат и клубови од Шпанија, Португалија и од Германија, додека од Серија А интерес покажа и Фиорентина.

Денис Суарез залудно се врати во Барселона. Шпанецот повеќе беше користен од клупата отколку како стартер. Секако, тешко е да се избори за место во Барса покрај Иниеста, Ракитиќ, Бускетс, а тука се Рафиња и Серхи Роберто кои исто така се наметнуваа цела сезона кај поранешниот тренер Луис Енрике.

Суарез пред две сезони имаше одлична позајмица во Севилја, а трансферот во Вилјареал се покажа како вистински потег, а по уште една добро одиграна година се врати на „Камп Ноу“. Сега ќе бара клуб во кој ќе биде во прв план, стартер на секој меч. Рома може да му го овозможи тоа, но римскиот клуб ќе има конкуренција за неговиот потпис од неколку клубови од Шпанија и од Англија.

Се вчитува...