Македонскиот селектор Симе Симовски имаше причина за незадоволство по слабата игра и убедливиот пораз од 20-31 на првиот меч од баражот за пласман на СП. Симовски главната причина за поразот ја лоцираше во недисциплинираниот напад, со што на ривалот му беа овозможени лесни голови на спротивната страна.
„Ова беше тежок натпревар и убедлив пораз. Знаевме дека Швеѓанките се фаворити, но очекував и ние да одиграме нешто повеќе и да се прикажеме во подобро светло. Сепак, тоа што го договаравме пред мечот не ни успеа да го спроведеме на теренот, нивната одбрана беше навистина добра, а противничкиот голман влезе во ритам. Немавме дисциплина во нападот и при шутевите, со што им овозможивме да постигнат многу голови преку контри и полуконтри. Мораме да се потрудиме во иднина овие грешки да ги отстраниме, нема дилеми дека мора да се игра многу подисциплинирано во нападот, нашето издание не беше на посакуваното ниво и во рамките на нашите можности“ – истакна Симовски по поразот.
Тој очекува од овој неуспех да бидат извлечени поуки, грешките да не се повторат, па во иднина да гледаме далеку подобри изданија од нашата женска репрезентација.
„Ако направиме компарација на искуството на нашите репрезентативки со оние на Шведска, разликата е очигледна. Швеѓанките на хартија се многу подобри, но ние требаше и моравме да бидеме многу подобри. Очекувам во иднина да играме многу поквалитетно од она што го прикажавме вечерва. Самиот пласман во овој бараж во секој случај е успех, но ние моравме да прикажеме повеќе на домашен терен, дури и против силен ривал каков што е Шведска“ – дециден е македонскиот селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА