Освен краткото време за подготовки, селекторот на македонската ракометна репрезентација, Раул Гонзалес, се соочува и со проблемите со повредите и уморот на играчите на крајот од исцрпувачката сезона. Најсериозна е состојбата со бекот Велко Марковски на кој се потпира одбраната на македонската репрезентација.
Марковски уште од дуелите со Исланд на почетокот на мај, влече повреда на листот на ногата и неизвесно е колку и дали ќе може да игра на претстојниот дуел со Украина на 10 јуни.
„Не се сите фит. Ќе видиме како ќе биде, попладнево ќе разговарам со сите, да видиме кој во каква состојба е. Имаме проблеми, ама полека...“ – рече селекторот Раул Гонзалес на денешниот прв собир.
Репрезентацијата попладнево (18 ч.) во ВИП Арената „Борис Трајковсјки“ ќе го одработи првиот тренинг. Во комплетен состав националниот тим ќе биде во понеделник кога треба да се приклучат Кире Лазаров и Борко Ристовски кои викендов имаат настап со Барселона во завршницата од шпанскиот „Копа дел Реј“ и тројцата репрезентативци што играат во Германија – Филип Миркуловски, Филип Талески и Дејан Манасков.
Натпреварот со Украина е на 10 јуни во Суми, а последниот дуел од квалификациите за ЕП 2018, против Чешка , македонските ракометари го играат на 18 јуни во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА