Реал ги наградува шампионите: Нови договори за Зидан и за Иско

Флорентино Перез подготви нови договори за неколку имиња во клубот, а навивачите најмногу ги радува продолжувањето на соработката со Иско, на кого иднината му беше неизвесна се’ до финалето на ЛШ во Кардиф. Претседателот на Реал Мадрид не го заборави и тренерот Зинедин Зидан, а по одбраната на европскиот трон, му посочи на францускиот стратег дека може да остане колку што сака, нешто што е реткост кога станува збор за тренерската позиција во „кралскиот клуб“.

Договорот на Зидан, кој истекува во 2018 година, ќе биде продолжен до 2020, а платата од 2.7 милиони евра годишно, ќе се зголеми двојно, на 5.5 милиони евра годишно, а Перез планира во иднина да му ја исплаќа сумата која ја заработуваше Анчелоти при неговиот престој во Мадрид.

Иско Аларкон ја заврши „невозможната“ мисија. Ретко кога играч кој е на излезна врата од Реал Мадрид, успева со одлични партии да ја предомисли управата да го задржи, и притоа да му го продолжи договорот и му ја зголеми платата. Во вториот дел од сезоната Иско се’ повеќе се наоѓаше меѓу првите единаесет, допринесуваше на секој триумф, а се покажа како џокер на Зидан во круцијалните натпревари против Баерн Минхен во полуфиналето и против Јувентус во финалето. Иско повторно ја освои публиката на „Сантијаго Бернабеу“ и со тоа договорот сега ќе му важи до 2022 година, а ќе заработува 6 милиони евра по сезона, плус бонуси.

Нови договори ќе има и за Начо Фернандез и за Карим Бензема. Реал секој преоден рок го користи да најде замена за 29-годишниот голгетер, но Французинот никако да го отстапи местото. Ниту Мората кој се врати од Јувентус не успеа да ја превземе улогата на главен напаѓач. Договорот ќе го продолжи до 2021 година со можност на плус уште една година, а ќе заработува дополнителни 2 милиони евра на сегашните 9, кои стојат во договорот.

Начо пак максимално ги користеше шансите од Зидан. Без разлика на која позиција во одбраната играше, 27-годишниот дефанзивец ја вршеше задачата на ниво. Ќе стави потпис на договор кој ќе важи до 2021 година, а ќе заработува нешто повеќе од 3 милиони евра по сезона.

  

Се вчитува...