Николов: Подготвени сме, дајте ја Шпанија

Еден од најголемите адути на младата селекција на Македонија до 21 година, Бобан Николов, вели дека целиот тим се чувствува подготвено за претстојното ЕП. Потенцира дека е најважно што сите се здрави и подготвени и за најголемите предизвици, како што е силната Шпанија, која ќе биде првиот противник во Полска, на 17 јуни.

„Се чувствуваме феноменално, најважно е што сме комплетни на овие подготовки. Сите што игравме во претходниот циклус сме тука, потполно здрави  и подготвени за нови предизвици, бидејќи најтешкото го поминавме. Веќе започнавме со интензивни тренинзи, па се надевам дека во следниот период ќе ги избегнеме повредите, бидејќи првиот дуел е за неполни две седмици, и тоа со Шпанија. За противниците нема потреба да се зборува нешто повеќе, сите знаеме какви квалитети и таленти поседуваат Португалија, Шпанија и Србија, но нашиот пласман потврдува дека и ние имаме што да покажеме на фудбалската публика во Полска. Ваквите големи репрезентации се мотив плус за нас, бидејќи притисокот ќе биде на нив, да обезбедат победи како фаворити, а ние ќе ја играме нашата игра, како што знаеме“ – вели Николов.

На 12. јуни репрезентацијата заминува за Полска, првиот меч е пет дена подоцна. Селекторот Милевски повика и неколку помлади фудбалери од новата генерација, а Николов смета дека тие ќе бидат вистинско озвежување.

„Новите играчи се тука бидејќи поседуваат квалитет. Голем дел од нив имаат статус на првотимци во клубовите каде што играат, а таму покажаа дека можат да се носат со ваков притисок, па се надевам дека ќе ни помогнат да оствариме позитивни резултати“ – додаде Николов.

Се вчитува...