Младата репрезентација на Македонија од денеска во комплетен состав ги продолжи подготовките за Европското првенство во Полска, со приклучувањето на членот на јапонската Јокохама, Давид Бабунски.
За Бабунски е задоволство, како што ни изјави, што оваа селекција на Македонија сега се подготвува за големиот настан во Полска во момент кога очигледно се чувствува силен позитивен спортски набој во земјава…
„Секогаш кога доаѓам на собир на репрезентацијата се чувствувам прекрасно. Сега сум уште помотовиран затоа што се подготвуваме за еден толку голем настап како Европското првенство. Пресреќен сум што ги гледам сите соиграчи, што гледам дека постои истиот оној мотив за успех како и претходно“ – ни изјави Бабунски по денешниот тренинг на тренинг центарот „Петар Милошевски“, и веднаш дополнувајќи обземен и од прославата на европската шампионска титула на РК Вардар.
„Среќен сум и што гледам дека нешто позитивно ни се случува во Македонија на спортски план, во повеќе спортови. Гледам и чувствувам една победничка Македонија сега. Тоа е тоа што сите ние го посакуваме, верба во себе и позитивни вибрации од целата јавност. Успехот на ракометарите сигурно носи голем мотив и за нас и во Полска да покажеме дека самиот пласман на ЕП не е нашиот краен дострел, иако и тоа е веќе преголем резултат“ – вели Бабунски.
Како што е познато, младата селекција под палката на Благоја Милевски ќе се подготвува во Скопје до 12. јуни, а потоа се сели во Полска на завршните подготовки пред првиот дуел на ЕП на 17. јуни против Шпанија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА