Стоперот на македонската фудбалска репрезентација Даниел Мојсов, ден по тестот со Турција вели дека е задоволен од начинот на кој Македонија се спротистави на селекција меѓу најдобрите 30 во светот.
Мојсов, е дополнително позадоволен, како што вели, затоа што репрезентацијата не покажа страв во ниту еден момент, но за голот кој го постигна вели дека судијата не го остави да се радува.
„Игравме многу добро, можевме да им дадеме неколку гола. Го контролиравме целиот натпревар, бевме добро организирани во одбраната, па така не ги оставивме да ни се доближат до голот, ниту пак успеаја да шутнат во рамките. Постигнавме гол, односно постигнав гол кој судијата не го призна. Јас сум уверен дека играчот беше во линија со мене, но арбитрите на крај одлучија дека голот не важи. Но, најважно е што ние го одработивме тоа што ни беше во прв план, да ги оставиме на дваесетина метри од голот, да ги затвориме нивните напаѓачи. Според мене заслуживме да победиме, бидејќи конечно на неколку последователни натпревари покажуваме добра игра, се приметува колектив меѓу нас. Овој меч беше еден од подобрите кои сме ги одиграле во последно време. Сега е важно да не летаме во облаци. Сите знаеме која е Шпанија, овој натпревар со Турција беше последен тест пред нив, па ако продолжиме со истата игра, се надевам дека ќе имаме позитивен резултат“ – вели Мојсов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА