Македонската фудбалска репрезентација ремизираше без голови против Турција на пријателскиот натпревар што се одигра вечерва на арената „Филип Втори“ во Скопје. По двете победи, ремито против Турците сепак е убава увертира пред квалификацискиот меч со Шпанија на 11 јуни. Радува офанзивната игра на Македонија, која посакуваше победа и посебно во вториот дел го надигра противникот во сите елементи на фудбалската игра. Создаде најмалку пет одлични шанси, и само среќа ги спаси Турците да не загубат. Ептен беа к’сметлии вечерва во Скопје.
Во 19. минута, Македонија постигна погодок, но беше поништен поради офсајд позиција. Алиоски нафрли од слободен удар, Даниел Мојсов скокна највисоко во шеснаесетникот и со удар со глава ја затресе мрежата, но помошниот судија остана со кренато знаменце.
Четири минути подоцна, возвратија Турците. Јусуф Мали шутираше кон нашиот гол, но Столе Димитриевски беше на висина на задачата.
Капитенот Горан Пандев се закани во 27.минута, се реши на удар од 25 метри, но турската одбрамна во последен момент го блокираше неговиот шут и го амортизираше пред топката да дојде до Волкан Бабачан. Тоа беше се од возбудувањата во првиот дел.
Во 53.минута, Езгјан Алиоски постигна погодок со шут од 20 метри, но повторно беше досуден офсајд, откако судиите решија дека Пандев попречил во видикот на голманот Бабачан.
Остоја Стјепановиќ имаше одличен соло пробив во 68.минута, но неговиот шут беше изблокиран во последен момент. Две минути подоцна, Несторовски одлично го проигра Пандев, кој имаше отворен простор, но во последен момент одбраната на Турција расчисти во корнер.
Во 77.минута, Трајковски се обиде од слободен удар, но погоди во живиот ѕид. Шест минути подоцна, му подготви шанса на Алиоски, кој шутираше од левата страна, но крај голот на Турција.
Потоа и самиот Трајковски распали од 20 метри, но Бабачан беше на вистинското место. Ибраими не беше прецизен во 83.минута, а пет минути подоцна Иван Тричковски имаше колосална шанса за погодок. Излезе сам пред голот на Турција, но Волкан Бабачан го одбрани неговиот удар.
На крајот, реми без голови на овој пријателски меч, но и позитивно издание на Македонија. Сега следи спектаклот со Шпанија, и тоа е одлична покана за многу повеќе публика на нашиот најголем стадион. Ја заслужија македонските фудбалери со својата одлична игра на последните неколку натпревари.
Пријателски натпревар
МАКЕДОНИЈА – ТУРЦИЈА 0-0
Арена „Филип Втори“ во Скопје. Гледачи: 7.000. Судија: Станислав Тодоров (Бугарија). Ж. Картони: Ристовски (Македонија), Сојунџу, Ајхан, Мор (Турција).
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски (80’ Тошевски), Шиков, Мојсов, Ристевски, Спировски, Стјепановиќ, Алиоски, Хасани (61’ Трајковски), Пандев (70’ Тричковски), Несторовски (81’ Ибраими).
ТУРЦИЈА: Бабачан, Којбаши, Сојунџу, Чолак (79’ Јилмаз), Ајхан, Туфан, Сахан, Ѓонул (46’ Ченкиз), Туран (61’ Тосун), Мали (61’ Мор), Унал (46’ Инан).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА