Вардар отиде на Ф4 во Келн скромно. Не само со апетити, туку и со услови за ракометарите. Тимот леташе со нискобуџетен лет, со компанијата „Виз Ер“, но успеа да ги надигра помоќните од себе, ракометарите покажаа дека не е се во парите. Со натчовечки напори се изборија за историски подвиг, освојувајќи го трофејот во Лигата на шaмпионите. Прв во историјата на клубот, прв во историјата македонскиот машки клупски ракомет. Слават сите „вардарци“, гордост е тоа за цела Македонија.
Но, заслужија сега ракометните херои во „црвено-црно“ – да се вратат со чартер авион назад во Скопје. Тоа е најмалку почит што треба да им биде укажана по блескавите игри на Ф4 турнирот во Келн.
Според најавите, РК Вардар треба да се врати со редовен авионски лет, од Дортмунд, повторно со „Виз Ер“. Можеби таков беше првичниот план, но вардарци се сега на кровот на Европа. Не е исто…нели, со „Виз Ер“, и со чартер.
А одлука може да се донесе и во последен момент. Еве на пример, утре, по проспиена ноќ, иако ќе биде луда и незаборавна, со многу шампањ и алкохол…И тоа сето е заслужено.
Но, ракометарите заслужуваат и чартер, како што му прилега на европски првак. Во полуфиналето, Лука Циндриќ беше побрз од сирената за големо финале. Во финалето, Иван Чупиќ беше побрз од сирената за европска круна. Редно е и за нив да се изреагира брзо, и достојно…
Затоа што не се враќа секој ден македонски тим како шампион на Европа, во својата држава!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА