Кире и Алекс со иста желба – европска круна за збогум

ЕКИПА во Келн,

Стеван Цаневски, Игор Паневски

Денешната пресметка меѓу Вардар и Барселона воедно ќе претставува и дуел на двата извонредни десни бекови, Алекс Душебајев од едната и Кире Лазаров од другата страна. Желбата за врвни резултати никогаш не недостигала ниту кај младиот Шпанец, уште помалку кај искусниот Македонец, но мотивацијата овојпат ќе биде уште поголема поради фактот дека средбите во Келн ќе бидат последни за овие двајца ракометари во нивните сегашни клубови.

Алекс Душебајев по завршувањето на сезонава заминува кај својот татко Талант во тимот на Кјелце, додека Кире Лазаров става крај на својата трофејна авантура во Барселона и по долги години минати во Шпанија се сели во француското првенство, во екипата на Нант.

Уште кога дојдов во тимот, мојот сон е да ја освојам титулата со Вардар. Знам дека ќе биде тешко. Сепак, ние ќе се бориме во Келн и ќе уживаме во сите предизвици што се пред нас“ – истакнува шпанскиот репрезентативец во дресот на Вардар.

Лазаров токму како член на Барселона пред две сезони стигна до својата прва титула европски првак, единствениот трофеј што му недостигаше на клупски план. Сепак, тоа не ја намалува мотивацијата кај македонскиот „бомбардер“, кој е решен да стори се пред заминувањето во Нант уште еднаш да се искачи на тронот на ракометна Европа.

„Ова за мене ќе биде петти Фајналфор во Лигата на шампионите. Да се биде дел од овој настан е навистина нешто посебно и треба да се има одредено искуство за да се игра и да се победи. Чувствуваме притисок, но тоа за мене е добра работа бидејќи значи дека сме максимално фокусирани на предизвикот пред нас“ – изјави Лазаров.

Двајца врвни ракометари со иста желба, останува да се види кој ќе ја добие денешната битка и ќе се избори за место во битката за големиот трофеј.

Се вчитува...