Холанскиот интернационалец Клас Јан Хунтелар по 11 години се врати во Ајакс и потпиша едногодишен договор асо својот некогашен клуб. Искусниот напаѓач пристигна од Шалке како слободен играч, откако ги бранеше боите на германскиот клуб цели седум сезони.
„Среќен сум што се вратив во Ајакс. Мојата улога во тимот е јасна, со повеќе од 50 натпревари во една сезона, нормално дека ќе играм, ќе добивам шанса, бидејќи со еден напаѓач на фудбалски маратон не се учествува. Тука сум за да му помогнам на Долберг, моето искуство секако ќе биде добредојдено, а тој ќе има многу корист од мене. Во одлична форма сум и сакам што побрзо да почне новата сезона за да излезам пред навивачите на овој голем клуб“ – истакна Хунтелар за официјалната интернет страница на Ајакс.
Поранешниот репрезентативец на Холандија зад себе има раскошна кариера. Освен Ајакс, Хунтелар играше за Херенвен и Де Графшап во холандското првенство, а кариерата ја започна во ПСВ. По Ајакс, една сезона беше играч на Реал Мадрид како дел од холандската инвазија на „кралскиот“ клуб, кога во составот имаше дури седум Холанѓани. По неуспешната сезона во Реал, Хунтелар потпиша за Милан, а потоа се пресели во Шалке и за бундеслигашот одигра 175 натпревари и постигна 82 гола во текот на седумгодишниот престој во Гелзенкирхен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА