Лигата на шампионите во организација на ФИБА нема да го загуби својот квалитет во однос на првата сезона откако екипите од Грција и од Италија потпишаа договор за и во следната сезона да бидат дел од ова натпреварување. Олимпијакос, Панатинаикос и Емпорио Армани и догодина ќе бидат дел од Евролигата, но клубовите кои следат на табелата одбија да настапуваат во Еврокупот, избирајќи ја ЛШ на ФИБА како свое европско натпреварување.
Станува збор за екипите на Венеција, Авелино и Сасари во италијанското првенство, како и грчките екипи АЕК, Арис и ПАОК, кои денеска и официјално потпишаа договор за да бидат дел од ЛШ на европската куќа на кошарката.
„Пресреќни сме што повторно во своето натпреварување ќе имаме врвни екипи од две исклучително силни лиги во Европа. Сите шест екипи беа дел од ЛШ во нашата прва сезона и се пласираа во плејофот, придонесувајќи за успехот на нашето натпреварување. Нивното враќање е само уште еден доказ дека тие биле задоволни од своето искуство во Лигата на шампионите“ – изјави претседателот на Лигата на шампионите на ФИБА, Патрик Комнинос.
Новата сезона во ЛШ на ФИБА ќе стартува со квалификациски средби на 19 септември, а останува да се види статусот на македонскиот првак. Лани МЗТ Скопје требаше да биде дел од првата квалификациска рунда, но „металците“ ја одбија ваквата понуда и настапуваа директно во групната фаза на Еврокупот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА