Европскиот првак Реал Мадрид на 3 јуни во Кардиф ќе се обиде да стане првиот тим што ќе успее да ја одбрани шампионската круна во Лигата на шампионите. Противник е Јувентус, и тоа сигурно ќе биде финале со посебни емотивни моменти за тренерот на „кралевите“, Зинедин Зидан. Тој во минатото го носеше дресот токму на Јувентус, а потоа се пресели на „Сантијаго Бернабеу“.
„Не очекува големото финале и ние сме подготвени. Остануваат уште неколку дена за глазура на формата. А, во финалето секогаш играат најдобрите тимови. Токму тие успеале да стигнат до завршницата. Драго ми е што Реал Мадрид повторно ќе биде дел од финалниот меч и се надевам дека повторно ќе се радуваме. Но, нема да биде лесно, затоа што Јувентус е голем ривал“, истакна Зинедин Зидан, кој ја освои ЛШ и како играч и како тренер со Реал Мадрид, а двапати губеше финален меч во дресот на Јувентус.
Тој знае како се стигнува до пехарот…
„Секогаш како тренер сум посветен многу повеќе на својот тим. Важно е како ќе одигра Реал Мадрид, дали ќе пронајде начин за да го совлада Јувентус. На тоа е фокусирана мојата стратегија и се надевам дека тимот ќе успее да ја спроведе на теренот. Секако, тоа ќе зависи и од Јувентус, кој дефинитивно има одлични фудбалери. Одбраната е можеби најдобриот дел, но имаа многу квалитетни поединци и во средниот ред и во нападот. Ги имаат Дибала, Игуаин, Дани Алвеш, едноставно сите. И делуваат многу хомогени како тим“, изјави Зидан.
Најголемата дилема е дали Герет Бејл ќе биде подготвен за настап во финалето на ЛШ, и дали Иско ќе добие предност во првиот состав пред Велшанецот…
„Кој вели дека Бејл и Иско не можат да играат заедно…“, одговори кусо тренерот на Реал Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА