ТРИ СЕКУНДИ: Увезена кошарка

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

Една работа треба да е јасна – не беа турските судии толку добри, колку што тренерите и кошаркарите на МЗТ Скопје и Карпош соколи беа мирни. И кога тоа ќе се увиди како реалност – јасно е дека не било до арбитрите – но само се потврдува она дека Македонецот секогаш многу повеќе ќе го почитува она странското отколку домашното.

  1. Авторитет, што беше тоа…

Изборот на турските судии за решавачкиот дуел беше „бомбастична вест“, но ако ништо друго барем донесе мирна мајсторка, без ниту еден единствен протест од било кој од тимовите. Далеку од тоа дека турските арбитри судеа беспрекорно, но во право е Перо Антиќ, сите оние кои фрлаа со дрва и камења по македонските судии, сега мирно ја креваа раката, прифаќајќи лична грешка без ниту еден единствен збор.

Почитта на Македонците кон сопствените авторитети е тема за која можеме да расправаме предолго, но факт е дека и македонските судии не направија доволно за да се заштитат себе си. Не станува збор за тоа точно да процениш дали е прекршок или за кого е аутот, туку за штитење на сопствената професија. Со авторитет и децидно почитување на правилата. Тоа не беше случај, па кога дојде ред за финалето, тоа веќе не личеше за ништо. Урлање по нив од двете страни, а за казна “секое петто“ – техничка грешка. Не е се во празнење на сали и инсистирање на прекини,  мора да има и взаемна почит меѓу судиите и играчите. Мора, ама ете кај нас тоа воопшто го нема.

  1. Ќути, пројде… ама пак ќе дојде

dragan nikolic so sudii

Кога беше донесена одлуката за странски судии, клубовите беа „тивки“, добивајќи го она што го посакуваа „независна фер арбитража“ (не дека онаа претходната не беше фер, но според нив не беше независна).

Сите беа во очекување на реакција од Судиската Организација како најпогодена, а оттаму изненадувачки и покрај „шлаканицата“ – молк. И не само тоа, туку и преќутна поддршка на одлуката на Комесарот и раководството на МКФ за нивно игнорирање при делегирањето за клучниот натпревар од сезоната. Впрочем, правилата се јасни – судиите можат да бидат само оние кои се делегирани пред стартот на сезонава. Затоа клубовите испратија писма пред мечот со потпис и печат дека „Се откажуваат од правото на жалба за изборот и делегирањето на официјалните лица“. Само што жалба можеше да има и од Судиската организација, како оштетена во целиот случај.

Или таму важеше „Ќути, нека пројде“. Епа од такви ставови се стигна онаму каде што е сега. А вчера пројде, но како што тргнало, пак ќе дојде…

  1. Линија на помал отпор

Петар Наумоски цела година води битка со клубовите, да покаже дека како претседател има мандат за раководење со кошарката во кое не треба премногу да му се мешаат во работата. Битката ја доби на Вонредното Собрание, но сега повторно потклекна под притисокот.

Затоа што тој и комесарот Цветковски имаа можност да покажат „кој е кој“ – доколку по серијата соопштенија на финалистите самите се јавеа со став – ПОДДРШКА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ СУДИИ. Да порачаат дека можеби арбитрите не ни се идеални, но не се ниту клубовите.

Тие молчеа, дозволија битката да се разгори, а кога се стигна до точка од која нема враќање, се решија за полесниот начин, по линијата на помал отпор. Кога немаш домашен избор – донеси странец. Истото она за кое Наумоски отворено ги критикуваше клубовите, кои кога немаат добро домашно решение за засилување, спасот го гледаат во просечен странски кошаркар.

Е затоа сме таму кај што сме, бидејќи кошарката од македонска ни стана увезена, почнавме со кошаркари, сега и со судии, што е следно, ќе остане ли нешто „домашно“ во мак-баскетот?

Се вчитува...