Турски судии ќе ја делат правдата на денешната мајсторка која ќе решава за шампионската титула во македонското кошаркарско првенство. Информација што многумина ја опишаа како трагична за мак-баскетот, и не дека не е, туку едноставно се поклопува со реалноста во која функционира нашата кошарка во последните години.
Бидејќи македонското првенство е македонско само затоа што се игра на територијата на нашата земја, сигурно не по потеклото на играчите. Бидејќи МЗТ Скопје ниту еднаш сезонава во ист момент немаше пет домашни играчи на терен, а Карпош соколи исто така не ни може да собере пет Македонци за да се најдат на паркетот. Не е само до финалистите, речиси сите оние кои имаа барем малку пари во буџетот решија да донесат по неколку странци со сомнителен квалитет, повторно избирајќи ги нив пред младите кошаркари кои се уште не ја добиваат шансата да се обидат да се изборат за статус на прволигашки играчи.
Како што е со играчите, така е и со судиите. Македонците не чинеле, имале „багаж“, многу грешеле… Па ќе дојдат Турци за да покажат како се суди. За да им кажат на тренерите и на директорите дека не треба да се скока на секоја одлука, на играчите да им објаснат дека е забранет флопинг. И можеби ќе „свират“ подобро од Македонците, но и доколку згрешат сигурно нема да се фрла со дрва и камења по нив како по домашните. Бидејќи се странци, а странците кај нас се „заштитен вид“… Не дека нема вина и кај македонските арбитри, кои мораа да покажат поголем карактер и храброст пред се при делењето на техничките грешки, но одлуката за странски судии, колку и да сака да се прикаже за доброто на мак-кошарката, е само потврда за недовербата во она домашното, за сметка на странското. Исто како што е случај со играчите и тренерите, сега на ред се судиите.
Што ли ќе е следно… дали кога веќе салите ни се празни ќе носиме и публика од странство. Или пак градоначалници од регионот, како активни учесници во македонската кошарка.
Смешно или трагично, кој како сака може да гледа на ситуацијата, но јасно е дека работата во мак-баскетот воопшто не оди на добро.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА