Антоан Гризман веќе две години се поврзува со заминување од Атлетико Мадрид, но францускиот голгетер денеска за првпат јавно истакна дека е подготвен да ги смени клупските бои доколку добие можност да заигра за поамбициозен клуб од „јорганџиите“ од Мадрид. Во ситуација кога Манчестер јунајтед подготвува мегапонуда за неговите услуги, Гризман истакна дека на раководството на Атлетико е да покаже решителност за да го задржи – потврдувајќи ја амбициозноста за борба за трофеи.
„Сезонава ја завршивме како третопласирани, зад Реал и Барса. Тоа е во согласност со зацртаните цели на клубот, но не и на нас фудбалерите. Јас лично не се задоволувам повеќе со убава игра и давање голови, сакам и да освојувам титули. На клубот е да докаже дека ја дели мојата амбициозност, во спротивност ќе ги разгледувам опциите од други тимови. Не очекувам сагата да трае премногу долго, мислам дека се ќе се разреши за петнаесетина дена“ – истакна Гризман.
Англиските медиуми најавуваат дека Манчестер јунајтед е подготвен да плати 100 милиони евра за Гризман, а планот на Атлетико е за помалку од половина од оваа сума (околу 40 милиони евра) како замена за Французинот да го доведе неговиот сонародник Александр Лаказет од Лион.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА