Веќе нема никакви дилеми, она што ЕКИПА прва го најави утрово, попладнево беше официјално потврдено од страна на Македонската Кошаркарска Федерција. Арбитри од Турција ќе бидат задолжени за делење на правдата на мајсторката за освојување на шампионската титула во македонското првенство, потврди Комесарот за натпреварување Владимир Цветковски во делегирањето на официјалната веб-страница на МКФ. Во него, за судии на утрешниот меч за титулата меѓу МЗТ Скопје и Карпош соколи избрани се Махмет Кесератар, Фатих Арсланоглу и Мехмет Карабилечен, сите од Турција.
Веднаш по оваа информација уследи и официјално соопштение на МКФ, со кое раководството на федерација ја објасни својата одлука за избор на странски арбитри за овој суперзначаен натпревар. Иронично, недовербата во способноста и капацитетите на македонските судии МКФ ја објасни со „заштита на арбитрите од Република Македонија“.
Македонската кошаркарска федерација по претходна согласност на клубовите МЗТ Скопје Аеродром и Карпош Соколи донесе одлука, последниот натпревар од финалната серија во Плејофот од тековната натпреварувачка сезона правдата да ја делат прволигашки арбиртри од Турција.
Оваа одлука е донесена, пред сè, со цел да се заштитат арбитрите т.е. официјалните лица од Република Македонија. Во текот на оваа натпреварувачка сезона особено со наближувањето на крајот на првенството, домашните судии постојано беа изложени на ризик во спортските сали ширум републиката и неретко беа жртви на фрлање на тврди и на меки предмети од страна на присутните лица како и на навреди упатени кон нив и плукање.Македонската кошаркарска федерација не само што сака да ги заштити судиите кои би биле официјални лица на овој натпревар од какво било попречување во вршење на службената должност туку и во исто време, сака да избегне какви било обвинувања од страна на кој било учесник или актер на овој натпревар дека арбитрите “протежирале“ некој од клубовите и дека одлуките на паркетот ги носеле пристрасно и необјективно – тема која често е главна низ кошаркарските кулоари и медиуми – се вели во соопштението на МКФ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА