Кошаркарски судии од Турција ќе ја решаваат битката за титулата во македонското кошаркарско првенство. Во ситуација кога двата клуба отворено искажуваа незадоволство од судискиот критериум за време на финалната серија, МКФ донесе одлука странски судии да ја делат правдат на утрешниот решавачки дуел за шампионската титула во македонското првенство.
ЕКИПА дознава дека поради константниот притисок врз арбитрите и гледањето „под лупа“ на секоја нивна одлука, решено е утрешната „мајсторка“ да ја судат арбитри од Турција. Одлуката е веќе донесена, но за нејзино официјализирање неопходно ќе биде истата да биде прифатена и од страна на МЗТ Скопје и од Карпош соколи. Неофицијално, и кај двата клуба постои расположение за вакво решение, се со цел подобриот да победи на теренот и да се избегнат подоцнежните коментари за арбитражата на кои навикнавме по средбите на двата македонски АБА-лигаши.
Имињата на судиите барем засега се чуваат во тајност, а нивното доаѓање во Скопје се очекува во текот на денешниот ден. Штом се добие согласност од клубовите, судиската тројка ќе биде објавена при официјалното делегирање на веб-страницата на Македонската Кошаркарска Федерација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА