ЖРК Вардар без никакви проблеми ја одбрани титулата во македонското првенство, откако во големото финале славеше над Вардар СЦЈС со преубедливи 54-24. За првпат сезонава беше направена промена во системот на натпреварување, па шампионот наместо преку плејоф беше одреден на завршен турнир.
Сепак, сребрената екипа од сезонава во Лигата на шампионите очекувано немаше достоен противник на домашната сцена, па по полуфиналниот триумф над Куманово „црвено-црните“ попладнево рутински си ја одработеа задачата и со вториот тим на Вардар, составен од млади македонски ракометарки.
Отпорот на аутсајдерот траеше само петнаесетина минути, период по кој Вардар водеше со 10-8. Потоа фаворитот додаде гас, па и без помошта на Лекиќ, Радичевиќ, Пенезиќ и уште неколку ѕвезди кои мечот го следеа од трибините „црвено-црните“ доминираа до самиот крај. На полувреме се замина со резултат 24-11, на средината од вториот дел фаворитот веќе имаше и дваесет гола предност (38-18), за на крајот, со последниот погодок на Лакабрер да стигне до конечни „плус триесет“ за нова титула на македонската ракометната сцена.
Сара Ристовска со десет гола беше најефикасна во победничкиот тим, додека Лакабрер го заврши мечот со осум погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА