Ракометарите на Еурофарм Работник се првите финалисти во Купот на Македонија, кој викендов се игра во Битола, откако во првата полуфинална средба убедливо со 26-18 (15-7) славеа против Охрид.
Со пласманот во финалето на Купот, битолчани си обезбедија за себе следната сезона и настап во Купот на ЕХФ на европската сцена.
Првата полуфинална средба беше рамноправна единствено на почетокот од дуелот во првите 15 минути. Потоа следеше голем пад во играта на охриѓани кои цели 12 минути не постигнаа гол, па следеше водство за Еурофарм Работник од 12-6. До полувремето предноста се зголеми за 15-7. И веќе се навести победникот на дуелот.
Во второто полувреме, ракометарите на Еурофарм само рутински ја одржуваа предноста, без проблеми приведувајќи го дуелот до крајот за конечни 26-18.
Најефикасен во победничкиот тим беше Горан Крстевски со 6 погодоци, а со пет гола мечот го заврши Филип Чурлевски. По три постигнаа Мајнов, Петровски и Адли. Кај охриѓани, единствено се издвои Лазар Адамовиќ со 6 постигнати гола.
Еурофарм Работник во утрешното финале (16:30 часот) ќе се соочи со подобриот од втората полуфинална пресметка меѓу Вардар и Металург која се игра вечерва од 20:30 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА