Агим Куртиши и официјално е нов претседател на одборот на директори на ФК Шкендија, кој доаѓа на местото на досегашниот прв човек Абдулменаф Беџети.
Како што претходно објави ЕКИПА, промените во раководството на Шкендија доаѓаат само еден ден по вчерашното финале во Купот на Македонија и поразот на тетовци од Пелистер во битката за трофејот во најмасовното домашно клупско натпреварување. Смената на Абдулменаф Беџети, која претходно ја најави ЕКИПА, попладнево официјализирана и преку Централниот регистар на Македонија каде во официјалната документација на ФК Шкендија – АД Тетово е извршена промената.
Академик Абдулменаф Беџети е сменет од претседателското место на одборот на директори на клубот и извршен директор, функции кои ги извршуваше изминативе години по преземањето на финансирањето на клубот од страна на Лазим Дестани, а на негово место е назначен Агим Куртиши досегашен неизвршен член во раководните структури на клубот.
Причините за промената, согласно нашите информации, се од лична природа а во договор на сопствениците на Шкендија и академик Беџети, кого во наредниот период го очекуваат нови ангажмани во општествениот живот.
За следната сезона се најавуваат и дополнителни промени во организациските структури на клубот, но и во стручниот штаб на тимот. По разрешувањето на Томас Брдариќ од следната сезона нов шеф на стручниот штаб на Шкендија треба да биде актуелниот тренер на Ренова, Ќатип Османи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА