Раководството на Интер упорно инсистира на звучно тренерско име за „ренесанса“ на гигантот од Милано, но „нероаѕурите“ барем засега немаат среќа бидејќи беа одбиени од страна на Антонио Конте и од Диего Симеоне, а ниту Леонардо Жардим не е заинтересиран за преселба на „Џузепе Меаца“. Поранешниот претседател на клубот, Масимо Морати, им порача на кинеските газди дека доколку сакаат тренер што би го вратил Интер близу до врвот на италијанскиот фудбал, треба да го ангажираат Маурицио Сари од Наполи.
„Конте, Симеоне, Жардим, Спалети? Сари, мене ми се допаѓа овој тренер, кого го сметам иделаен за Интер. Мислам дека треба да биде сериозна опција за газдите на клубот, кои дефинитивно планираат да инвестираат многу пари во играчи и стручен штаб во следниот период“ – изјави Морати.
Интер под водство на Масимо Морати е единствениот италијански клуб што успеал да стигне до тројна круна, па покрај двата трофеи во Италија стана и европски првак, и тоа во времето кога нашиот Горан Пандев го носеше дресот на „нероаѕурите“. Сега шанса за сличен успех има Јувентус, но Морати најавува дека нема да обрнува внимание на претстојните средби за трофеи на „старата дама“.
„Дури и доколку некој друг стигне до тројна круна, тоа не значи дека ние ќе останеме без нашата. Во животот е нормално одреден успех што си го остварил потоа да го повтори и некој друг. Едно е сигурно, нема да го гледам финалето од ЛШ бидејќи имам други обврски. Секако ќе го дознаам резултатот“ – истакна Масимо Морати.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА