Хамес Родригез може да си замине од „Сантијаго Бернабеу“, но само доколку некој клуб се согласи да плати 75 милиони евра за услугите на колумбискиот офанзивен фудбалер. Ова го објави мадридскиот весник „Марка“, повикувајќи се на извори на највисокото раководство во клубот кое не сака ни да чуе за загуба од Хамес, па ќе настојува да си ја врати истата сума што во 2014 година му ја плати на Монако за овој фудбалер.
Шпанскиот весник наведува дека иако сумата е висока, интересот на бројни врвни клубови е доволен доказ за квалитетите на фудбалерoт. Колумбиските медиуми тврдат дека Хамес ги договорил личните услови со Манчестер јунајтед, а Жозе Мурињо сигурно ќе има доволно пари на располагање за трансфери за да го доведе овој офанзивец на „Олд трафорд“. Претходно, интерес за Хамес искажа неговиот поранешен тренер Карло Анчелоти со Баерн, но и премиерлигашите Челси, Ливерпул.
Хамес Родригез синоќа настапи во стартниот тим на Реал против Севилја, а при напуштањето на играта доби „стоечки овации“ од навивачите на последниот домашен натпревар на „кралскиот клуб“ сезонава, најверојатно и последен на Колумбиецот како домашен играч на „Сантијаго Бернабеу“ во неговата кариера. Тој не го криеше незадоволството што не добиваше шанса на клучните средби на Реал, но на оние натпревари на кои настапуваше за „кралскиот клуб“ редовно прикажуваше добри игри, со што придонесе вредноста на фудбалскиот пазар воопшто да не му опадне.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА