Јувентус ќе мора да почека најмалку уште едно коло за прослава на новото скудето, откако „старата дама“ ја одложи шампионската прослава по поразот од Рома од 3-1. Триумф на „Олимпико“ ќе значаеше и заверување на новата титула, но фудбалерите на Рома беа цврсто решени да не дозволат шампионска фешта на Јуве среде Рим, одиграа квалитетен меч и на крајот се радуваа на голема победа со која останаа пред Наполи во трката за второто место на табелата.
Алегри тактизираше со составот, па денешниот меч го почна без Алвеш, Кјелини, Сандро, Маркизио и Дибала, но „старата дама“ и со променет стартен тим беше подобра на стартрот од мечот. Асамоа со одличен удар го погоди дирекот, за Јувентус да дојде до заслужено водство преку Лемина, кој се најде на вистинското место по спуштената топка од Игуаин.
Рома успеа да израмни преку Де Роси, што им даде сила на домашните фудбалери во вториот дел, кога најпрвин Ел Шарави со луциден удар го изненади Буфон, пред Наинголан да ги постави конечните 3-1. Алегри ги уфрли во игра Дибала, Алвеш и Маркизио, но и тоа не беше доволно за актуелниот првак да се врати во натпреварот.
Јувентус и покрај овој пораз има одлична предност од четири бода во однос на Рома, па избраниците на Алегри веќе следниот викенд ќе имаат нова шанса за заверување на скудетото, на дуелот на домашен терен со Кротоне. Претходно, „старата дама“ в среда ќе се сретне со Лацио во финалето од Купот на Италија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА