Рафаел Надал ја продолжува жетвата на трофеи на турнирите што се одржуваат на земјена подлога откако по Монте Карло и Барселона, шпанскиот ас денеска се закити и со пехарот во Мадрид, петти за него на турнирите што се одржуваат во шпанскиот главен град. Надал за ривал го имаше Австриецот Тием, кој се покажа како достоен противник, прикажа одлична игра, но сепак не успеа да го запре Шпанецот на патот до неговиот 30 мастерс трофеј во кариерата.
Првиот сет мина во израмнета битка, а Надал пропушти три одлични шанси при 0-40 и водство од 4-5 на сервис на Тием. Противникот се врати со три одлични сервиси, па сетот беше решен во суперинтересен тајбрејк во кој Тием не искористи една сет-топка, по што Надал поведе со 10-8.
Шпанскиот ас потоа со брејк го отвори вториот сет, по што рутински ја одржуваше предноста се до последниот гејм. Тогаш при резултат 4-5 Тием не искористи четири брејк можности за да се врати во мечот, Надал одигра најдобро во клучните моменти и на крајот заслужено славеше со 2-0 во сетови, за своја 15. победа во низа.
Рафаел Надал по успехот во Мадрид се сели во Рим, каде ќе се обиде да ја продолжи својата фантастична серија без пораз на земјена подлога во оваа 2017 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА