Интер не успеа да најде излез од резултатската криза ниту по заминувањето на тренерот Пиоли, откако „нероаѕурите“ попладнево одиграа уште еден разочарувачки натпревар и загубија на домашен терен од Сасуоло со 1-2.
Очајното издание на овој поранешен гигант беше причина најверните навивачи уште при резултат 0-0 да ја напуштат својата трибина, во знак на незадоволство поради катастрофалните игри во последните неколку месеци. Икарди промаши зицер кога од неколку метри со глава биеше само во дирекот, за потоа казната да стигне преку Иемело, кој најпрвин го отвори резултатот во 36. минута, за потоа истиот фудбалер на самиот почеток од второто полувреме да донесе водство на Сасуоло од 0-2.
Интер до крајот успеа само да го ублажи поразот преку Едер, со што „нероаѕурите“ продолжуваат да паѓаат на табелата откако веќе ги загубија сите шанси за влез во Лигата на Европа следната сезона. Само за илустрација, во последните седум кола Интер има две реми и пет порази, а овој тим последната победа ја забележа на 12 март, кога на домашен терен ја декласираше Аталанта со 7-1.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА