Јувентус веќе е во финалето, а „старата дама“ вечерва ќе го дознае името на својот ривал за пресметката во Кардиф. Како што стојат работите во моментов, тоа најверојатно ќе биде Реал Мадрид, со оглед на фактот дека „кралевите“ ќе влезат со огромни 3-0 позитива во вечерашниот реванш на гостински терен против градскиот ривал Атлетико Мадрид. Избраниците на Зинедин Зидан доминираа на првата средба и предводени од Роналдо си создадоа огромна позитива, па сега им останува на преостанатите 90 минути само да си го визираат пласманот во финалето.
„Атлетико ќе се обиде да го исфрли противникот од ритам, тоа е она што секогаш го прави. Од друга страна, ние ќе настојуваме да играме како и секогаш досега, бидејќи со таквите игри стигнавме до овде и на ист начин сакаме да се пласираме во финалето. Ние сме голем клуб, не смееме да дозволиме непријатно изненадување, мораме класата да ја потврдиме и на овој реванш“ – изјави Зинедин Зидан.
Домашните фудбалери најавуваат дека немаат намера да се предадат, а оптимизам им дава фактот дека пред нешто повеќе од две години го декласираа Реал на домашен терен со 4-0, резултатот што во случајов би ги одвел во финалето. Стнаува збор за меч од Примера одигран на 7 февруари 2015 година, на кој тимот на Диего Симеоне славеше со убедливи 4-0 со головите на Тијаго, Саул, Гризман и на Манџукиќ.
„Веруваме во себе и во нашите оружја, знаеме дека сме способни да одиграме квалитетен меч. Јасно е што ни треба, од минута во минута да создаваме шанси и да постигнуваме голови. Не знаеме дали ќе бидеме во можност да ја надополниме негативата, но сигурно ќе сториме се што можеме, се до последниот свиреж на судијата“ – порача Диего Симеоне.
Традицијата вели дека ниту еден тим не успеал да се врати по негатива од два, камоли од три гола, во полуфиналето од Лигата на шампионите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА