Жозе Мурињо нема да прави проблеми при заминувањето на Давид де Хеа од Манчестер јунајтед, но за возврат ќе побара и огромна услуга од Реал Мадрид – да добие зелено светло за на „Олд трафорд“ да го доведе Герет Бејл. Велшкиот ас веќе две години е голема желба на најтрофејниот англиски клуб, но Реал не сакаше ни да чуе за продажба на овој фудбалер.
Сепак, ситуацијата сега е поинаква, Бејл повторно имаше огромни проблеми со повредите, а во меѓувреме во топ-форма влегоа и Иско и младиот Асенсио. Ако на ова се додаде дека „кралевите“ подготвуваат офанзива и за Еден Азар, кој дејствува како крилен офанзивец, исто како и Бејл, јасно е дека Флорентино Перез и Зинедин Зидан не би имале ништо против да го продадат своето најскапо засилување доколку добијат интересна понуда за неговите услуги.
Тука на сцена се очекува да стапи токму Мурињо, кој е подготвен да плати 50 милиони евра, плус Давид де Хеа, за да го доведе Бејл на „Олд трафорд“. Во ситуација кога Вејн Руни и Златан Ибрахимовиќ се наоѓаат на излезната врата, португалскиот стратег верува дека Бејл заедно со Антоан Гризман и со младиот Рашфорд би создале напаѓачко трио со кое „ѓаволите“ во следната сезона ќе атакуваат и на титулата во Премиер-лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА