МЗТ Скопје и Карпош соколи вечерва во 19 часот ќе имаат прва „меч топка“, за триумф во полуфиналните серии од плејофот и пласман во големото финале. Шампионот МЗТ Скопје веќе има позитива од 2-0 против Куманово, па „металците“ вечерва во малата сала од СЦ „Јане Сандански“ би требало да имаат рутинска задача да го одработат и третиот дуел и да стигнат до билет за финалето. Ограничениот ростер на кумановци e главната причина поради која вицепрвакот како тотален аутсајдер влезе во оваа полуфинална серија, па денешниот меч најверојатно ќе биде и последен сезонава за тимот предводен од Марјан Србиновски.
„Пред нас е голема шанса да ставиме крај на полуфиналната серија и се надеват дека ќе ја искористиме. Со противникот одлично се познаваме, ова ќе биде четврти меѓусебен дуел ви низа во само десетина дена ако ја сметаме и пресметката во последното коло од Суперлигата, поради што не гледам начин за некое посебно изненадување. Но, секој меч е приказна за себе без некои посебни правила. На пример на завчерашниот дуел во Куманово само во првото полувреме примивме речиси ист број поени како на целиот прв плејоф-дуел на стартот од серијата. Тоа значи дека мора да биде агресивни, дури и на раб на прекршок бидејќи само така може да дојдеме до посакуваната цел. Клуч на успехот е да ги лимитираме кумановци во нападот и ако го сториме тоа, уште вечерва ќе го славиме пласманот во големото финале“, вели Анте Назор во пресрет на вечерашниот меч.
Работнички ќе се обиде да ги замрси сметките на Карпош соколи, на денешниот трет дуел од оваа серија што ќе се одржи во празна сала поради казната што му беше изречена на најтрофејниот македонски клуб. „Соколите“ на првиот меч во „Градски парк“ славеа минимално, потоа рутински ја одработеа задачата на неделниот дуел во „Борис Трајковски“, па интересно ќе биде да се види како Работнички ќе се снајде во овој пеколен ритам од натпревари на секои два денa.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА