Цибона во најскоро време ќе замине под стечај откако не е исполнет ниту дел од планот за исплаќање кон должниците што беше договорен пред извесно време. Александар Петровиќ, кој подолго време е дел од раководството на хрватскиот кошаркарски гигант, предупреди дека колапсот е многу блиску, а клубот се наоѓа на работ на амбисот.
„Како некој што дојде во клубот во периодот го промени своето име од Локомотива во Цибона, во 1976 година, многу сум загрижен за иднината на клубот. Дури и имам информации дека на 1 јуни клубот ќе замине под стечај. Цибона како клуб што го познаваме ќе престане да постои. Секако дека ме боли, во овој клуб бев играч, помошен тренер, прв тренер, потпретседателт и претседател, па имам апсолутно право пред јавноста да ја искажам својата загриженост. Постоеше план за исплата на долговите, но до ден денеска не се исплаќаат парите што се должат, а на доверителите не им се дава ниту одговор кога би можеле да очекуваат исплата. Тоа е поентата на ова мое обраќање, да алармирам да се пронајде решение, иако искрено стравувам дека постои интенција тоа да не се плати. Тивко сценарио е на дело и затоа ги повикувам сите кошаркарски љубители да дојдат облечени во нешто сино, за да се простат од Цибона, бидејќи вториот меч од плејофот против Шибеник би можел да биде последниот во историјата на нашиот клуб. Кај нас можеби многу работи се искажуваат со патетика и популизам, но моите зборови не се тоа. Ние најверојатно ќе бидеме сведоци на последниот меч на еден голем клуб и мораме тоа достоинствено да го одбележиме“ – изјави Петровиќ за весникот „Вечерњи лист“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА