Легендата на македонскиот ракомет, Стефче Алушовски, е главен фаворит за функцијата шеф на стручниот штаб на Пелистер по заминувањето на Касим Каменица. Откако Каменица не ги оправда очекувањата и си замина од Битола (синоќа беше промовиран во нов стратег на Загреб) битолчани ја почнаа потрага по нов стратег, решени овојпат тоа да биде македонски стручњак како предводник на долгорочен проект.
Кире Поповски и Игор Николовски ќе ја довршат оваа сезона, но затоа прва опција за шеф на стручниот штаб за следната сезона е Алушовски. Ракометарот кој освои четири титули како играч на Пелистер сега и самиот е подготвен за камбек во битолскиот клуб, како предводник на стручниот штаб на „зелено-белите“. Заедно со Алушовски во управата би требало да биде вклучен стабилен спонзор, кој ќе ја гарантира амбициозноста на „пелистерци“ во годините што следат.
Во најскоро време се очекува да бидат договорени сите детали од соработката, така што Алушовски би имал доволно време за преговори и комплетирање на играчкиот кадар. Според првичните најави, приоритет ќе биде да се состави база од македонски играчи, по што ростерот би бил дополнет само со неколку засилувања од странство.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА