Роберто Гарсија Парондо имаше победничко деби како дел од стручниот штаб на македонската репрезентација. Младиот шпански стратег, кого Раул Гонзалес го именуваше за прв асистент, не го криеше задоволството, но и напомена дека убедливата победа над Исланд не е изненадување за него поради квалитетот што го поседува македонскиот национален тим.
„Не беше тешко да се подготвиме за еден ваков натпревар со ривал како Исланд за само три дена, но завршивме добра работа, а играчите целосно ги послушаа советите на Раул, што донесе резултат. Очекував еден ваков натпревар, верував во квалитетите на македонската репрезентација и мило ми е што забележав победа во првиот меч како дел од стручниот штаб на Раул Гонзалес. Мислам дека одигравме многу добро прво полувреме, за жал во финишот примивме два гола и на одмор заминавме со само „плус два“ иако заслуживме повеќе. Исланд е силен противник и нормално беше во одреден период да доминира, но покажавме карактер и се вративме. За нас беше важно да покажеме дека можеме да играме добра одбрана, мислам дека дефанзивата ни функционираше одлично иако противниците постигнаа и неколку голови од исклучително тешки позиции. Севкупно гледано, бевме подобар тим на овој меч и заслужено победивме“ – изјави Парондо.
Стручниот штаб на нашиот национален тим заедно со играчите нема многу време за славје бидејќи в недела го очекува гостувањето во Исланд.
„Тоа ќе биде уште еден тежок натревар на кој Исланѓаните ќе се обидат да се одмаздат. Мислам дека ќе треба да одиграме уште подобро отколку во Скопје, но верувам дека сме способни за такво нешто“ – оптимист е помошникот на Раул Гонзалес.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА