Германскиот бундеслигаш Борусија Дортмунд нема сили да го задржи експлозивниот напаѓач Пјер – Емерик Обамејанг, кој го договорил трансферот во францускиот шампион ПСЖ за неверојатни 70 милиони евра. Спортскиот директор Патрик Клајверт ги договорил условите со репрезентативецот на Габон, и ќе заработува по 14 милиони евра годишно.
Обамејанг во неколку наврати беше поврзуван со трансфер во Реал Мадрид, но Зидан стави вето врз тој ангажман, бидејќи не се наметнува во неговата филозофија и тактика. Сопствениците на ПСЖ се лути поради елиминацијата од Барселона во осминафиналната рунда од ЛШ, како и фактот дека се соочуваат со губење на шампионската круна во Франција, па со овој потег сакаат да го засилат нападот за следната сезона.
Неспорно е дека Борусија Дортмунд останува без врвен фудбалер, кој е екстремно брз и редовно ги тресе противничките мрежи. Но, германскиот клуб веќе започна со пополнување на местото на Габонецот. Во опција се неколку голгетери, а најголема желба е Муса Дембеле од Селтик, кој сезонава игра во одлична форма во шкотската лига.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА