Селекторот на македонската репрезентација, Раул Гонзалес, го одреди составот за утрешниот дуел со Исланд во квалификациите за ЕП 2018 во Хрватска. Од 19 репрезентативци што беа повикани за овој собир, на трибините ќе останат тројца од помладите ракометари – голманот Мартин Томовски, десниот бек Мартин Велковски и десното крило Мартин Поповски.
Македонија утре (20 ч.) во „Борис Трајковски“ ја пречекува селекцијата на Исланд, а на 7 мај гостува во Рејкјавик. По првите две кола и Македонија и Исланд имаат по една победа и еден пораз и овие два меѓусебни дуели ќе бидат од голема важност и за едната и за другата репрезентација во борбата за првите две места во групата што носат пласман на ЕП 2018 во Хрватска.
За Раул Гонзалес ова ќе биде селекторско деби на македонската клупа, а со оглед на кусиот период за подготовки пред двомечот со Исланд, шпанскиот стратег се реши да излезе на терен со проверени сили.
Состав: голмани – Борко Ристовски и Никола Митревски, крила- Дејан Манасков, Гоце Ојлески, Гоце Георгиевски, бекови- Филип Талески, Филип Лазаров, Филип Кузмановски, Марко Неловски, Велко Марковски, Филип Миркуловски, Кирил Лазаров, Влатко Митков, пикери – Стојанче Стоилов, Жарко Пешевски и Никола Марковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА