Девојките до 19 години убедливи против Естонија на турнир во Талин

Македонската репрезентација за фудбалерки до 19 години одигра одличен натпревар славејќи со 1-3 против домаќинот Естонија на интернационалниот турнир кој се игра во Талин.

Нашите девојки триумфот на денешниот дуел го најавија со погодокот на Јана Чубриноска уште во 10. минута од средбата. Домашните фудбалерки израмнија во 36. минута преку Грете Даут, но второто полувреме комплетно им припадна на македонските девојки. Најпрво во 47. минута Улза Максути зголеми на 1-2, а конечните 1-3 ги постави Рабија Дервиши во 76. минута од средбата.

Македонија утре од 12 часот го игра и вториот натпревар на турнирот против соодветната селекција на Летонија.

Како што е познато, Управниот одбор на ФФМ сосема оправдано неодамна поради катастрофалните резултати на интернационалната сцена ја суспендираше сениорската селекција – две години пауза од било какви меѓународни настапи. Одлучено е комплетниот фокус да се стави на младите наши селекции во женска конкуренција.

Со настапот во Талин и денешното одлично издание, репрезентацијата до 19 години најавува можност за креација на респектабилна млада селекција од која во иднина ќе се креира и далеку посериозен сениорски национален тим.

Се вчитува...