ВИДЕО: Се и сешто во Штип – Фудбалери во конфликт на терен, а навивач на Брегалница со Мирко Спасески

Вардар одигра фудбалски навистина чесно, би рекле многумина на домашната спортска сцена, на гостувањето против Брегалница во Штип израмнувајќи во 92. минута со погодокот на Џигаури за конечни 3-3…

Но, на штипјани, кои жестоко се борат за опстанок, сето тоа во финишот не им се допадна многу. Па, при бројни нервозни реакции на терен дојде до конфликт меѓу Фелипе и поранешниот „вардарец“ Ристе Наумов, од кој Бразилецот ‘извлече’ црвен картон… Но, камерите регистрираа вербален, па и физички контакт и меѓу капитенот на Брегалница, Горан Здравков и Ерменецот Тигран Барсегјан, сето тоа незабележано од судиската тројка…

Нервозата силно тлееше и на трибините. Па, по постојаните прозивки од штипската публика: „Скопски п….и“ не издржа и претседателот на Вардар, Мирко Спасески кој се впушти во вербален конфликт со еден од навивачите на Брегалница. Сето тоа, сепак, онака „бенигно“, набрзо смирено…

А, претходно, откако Вардар имаше предност од 1-2 на полувремето, во вториот дел Брегалница најпрво израмни со вториот гол од пенал на Здравков…

А, потоа и по брзиот контранапад на Здравков и Ристе Наумов во 79. минута се запиша во листата на стрелците за водство од 3-2.

И, кога сите очекуваа Брегалница да заработи три значајни бодови, следеше шокот од Џигаури во 92. минута. Вардар и врати на Брегалница за елиминацијата во последното коло пред три сезони од можноста да игра во Лига Европа.

Се вчитува...