Македонската репрезентација утре го игра клучниот натпревар од квалификациите за ЕП 2018 во Хрватска, а капитенот Кире Лазаров предупредува дека нашиот национален тим ќе мора да го контролира темпото за на крајот да стигне до победата.
„Исланд како претставник на скандинавската школа отсекогаш важел за незгоден ривал за нас, но со добриот настап на последниот мундијал во Франција покажавме дека можеме да се носиме, да се надигруваме со нив. Ситуацијата е специфична, имаме нов селектор кој имаше само неколку дена тренинзи со селекцијата, но ќе сториме се тоа да донесе „позитивен шок“ и да забележиме резултат каков што посакуваме. Клучно треба да биде да играме мудро, да не се бркаме со Исланѓаните и да влегуваме во нивниот скандинавски стил. Ние треба да бидеме тие што ќе го диктираме начинот на игра, па токму затоа сите оние кои ќе добијат шанса треба не само да одиграат, туку и да дадат значаен придонес, за на крајот да дојдеме до резултатот што сите го посакуваме. Очекувам како и на претходните дуели да имаме голема поддршка од трибините, навивачите повторно да ни помогнат на овој дуел што е многу значаен за нас. Токму домашниот терен ни ја дава таа улога на благи фаворити, која ќе мораме да ја оправдаме на теренот“ – изјави Кире Лазаров.
Македонскиот капитен на почетокот од следниот месец ќе ја предводи Барселона во полуфиналето од ЛШ против Вардар, но Лазаров засега воопшто не размислува за тој дуел во Келн.
„Сметам дека е погрешно од сега да давам било каква изјава за тој натпревар, фокусот мора да биде максимално кон Исланд и треба да сториме се што можеме за да стигнеме до победата што толку многу ја посакуваме“ – истакнува Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА