Атлетико Мадрид е подготвен за жестоки дуели со градскиот ривал Реал Мадрид во полуфиналето на Лигата на шампионите. Тренерот Диего Симеоне и фудбалерите Диего Годин и Габи, на прес – конференција пред утрешниот прв дуел на „Сантијаго Бетнабеу“, најавија дека се максимално фокусирани и очекуваат позитивен резултат.
„Подготвени сме максимално, и физички и психички, за нова голема пресметка со Реал Мадрид. Градските дуели секогаш се интензивни, со многу возбуда, а ги решаваат многу мали детали. Ќе треба да бидеме внимателни, но и да се потпреме на нашиот цврст карактер, затоа што нашите амбиции се да обезбедиме пласман во големото финале. Секако, имаме голем респект за нашиот противник, Зинедин Зидан врши одлична работа во Реал Мадрид, и без сомнение не очекува еден жесток двомеч“, изјави Диего Симеоне.
Дефанзивецот Диего Годин порача дека секоја грешка може да биде кобна и да го одреди патникот во големото финале на ЛШ во Кардиф.
„Ова се мечеви какви што сме одиграле многу со Реал Мадрид. Ќе се оди по жица, тенка е линијата меѓу грешките и добрите потези. Секоја грешка може да биде клучна и затоа ќе се трудиме максимално да ги направиме што е можно помалку. Верувам дека на крајот Атлетико Мадрид ќе биде тимот што ќе се радува на пласман во финалето“, истакна Годин.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА