Вардар на мегдан со Победа, Шкендија три меча не знае за гол против Шкупи

Вардар против Победа денеска во 30. коло од Првата македонска фудбалска лига на „Телеком арената“ во Скопје го продолжува патот кон шампионската титула.

По претходниот пораз од Шкендија, „вардарци“ денеска посакуваат триумф против Победа како не би се дозволило дополнително бодовно доближување до нив од страна на тетовци, и неизвесност во финишот на сезоната.

„Мора да го заборавиме тој пораз од Шкендија и максимално да се концентрираме кон натпреварот со Победа кој што мораме да го добиеме. Посакуваме брзо да се вратиме на победничките патеки, каде што бевме пред тој натпревар в среда. Треба да бидеме внимателни затоа што Победа се покажа како незгоден противник за нас оваа пролет, но јас сум сигурен дека сите сме подготвени да дадеме максимум за да победиме в недела“ – вели грузискиот интернационалец од редовите на Вардар, Џамбул Џигаури.

Прилепчани, пак, во позитивна атмосфера го очекуваат гостувањето против Вардар по онаа претходна победа над Силекс. Помирно се оди кон опстанокот сега, со оглед на оние шест бода предност во однос на Брегалница. Но, од Победа повторно сакаат да го изненадат Вардар како што беше тоа и претходно сезонава во Охрид кога со пресврт славеа со 2-1.

Второпласираната Шкендија денеска гостува во Чаир на Шкупи. Фудбалерите на Шкендија, интересно, немаат постигнато гол против Шкупи на последните три меѓусебни првенствени дуели, за забележани две ремија без голови и еден пораз во Тетово од 0-1. Токму затоа сега е желбата за реванш, но и да се заокружи онаа претходна победа против Вардар.

ДВОЈКИ – 30. КОЛО (денеска, 16 ч.)

Скопје: ВАРДАР – ПОБЕДА

Битола: ПЕЛИСТЕР – МАКЕДОНИЈА ЃП

Кратово: СИЛЕКС – БРЕГАЛНИЦА

Тетово: РЕНОВА – РАБОТНИЧКИ

Скопје: ШКУПИ – ШКЕНДИЈА

ТАБЕЛА: Вардар 68 бода, Шкендија 58, Работнички 47, Пелистер 41, Ренова 41, Силекс 36, Шкупи 29, Победа 26, Брегалница 20, Македонија ЃП 19 бода.

Се вчитува...