Клубовите во домашната лига не гледаат како се организациски поставени, не гледаат колку и како се финансиски покриени, не гледаат многу-многу за квалитетот на фудбал кој ни го демонстрираат по терените…, но како по обичај во фокусот на нивното внимание е само и единствено судењето на натпреварите.
Објективно, сосема издржано се чини атмосферата ја подгреа крајно сомнителниот досуден пенал во корист на Победа на дуелот против Силекс, со кој прилепчани им побегнаа на штипјани шест бода во битката за опстанок. Но, тоа е само продолжение на честите, во голема мера и неиздржани постојани „поплаки“ кон „луѓето во црно“…
Битката за опстанок е единствено интересна во финишот од шампионатот во Првата лига, па токму затоа е и нервозата која тлее пред се во редовите на прилепска Победа и штипска Брегалница… Директните конкуренти за избегнување на преселбата во Втората лига.
Брегалница се жали на судијата Марјан Маркоски од дуелот против Пелистер во Штип, испраќајќи жалба и до Одделот за интегритет од ФФМ, а очекувајќи суспензија за судиската тројка. Според нив, судиите на дуелот со Пелистер суделе во корист на трета страна, директен нивни конкурент во битката за опстанок.
Претходно и Силекс испрати сериозни обвинувања за начинот на кој се судеше дуелот во Прилеп, притоа и со директни прозивки на дел од „моќници“ во ФФМ кои влијаат за спас на Победа во прволигашкото друштво.
Жалби за судењето имаа и од Победа пред само една недела кога загубија од Пелистер, потенцирајќи тогаш дека на фудбалот не му помагаат такви корумпирани судии… Но, сега победија со Силекс , па одеднаш судите за нив се трансформираа во европски делители на правда, со европски начин на судење…
Од ФК Победа до нашата редакција испратија и соопштение како одговор на претходните, како што велат, „жалопојки“ од страна на ФК Силекс:
ФК Победа оваа сезона е дебитант во Првата лига а целокупната македонска јавност знае на какви се судиски одлуки беше изложена во есенскиот дел на првенствто. Ние како клуб досега ниеден пат официјално не реагиравме сметајќи дека судиите, како и секој човек во својата работа, грешат и имаат право на грешка. Но очигледно се најдоа повикани да реагираат и тимот кој го поразивме ФК Силекс. Оние кои долги години се во директна спрега со одредени, како што тие ги нарекуваат ,,структури,, и најверојатно само на тој начин опстојуваат во Првата лига.
Оваа сезона одигравме 3 натпревари со Силекс. Третиот во Кратово оваа пролет го загубивме и го признавме поразот, што не би можело да се рече за двата натпревари одиграни во есенската полусезона. Во 2-то коло бевме драстично оштетени со досуден непостоечки пенал за Силекс во 80-тата минута од натпреварот. Зошто тогаш Силекс не реагираше на одлуката на главниот судија Фатон Мустафи од Тетово. Со тој поклон од пенал кратовчани не победија, а дека судијата погрешил потврдува и фактот дека Мустафи беше казнет и паузираше неколку кола(за потоа повторно не оштети со недосуден пенал за Победа на мечот со Брегалница во Битола-по што повторно доби слаба отценка). На овој меч непреведно беше исклучен Гешски во шанса за гол!!! Зошто Силекс одмолчи и не реагираше на арбитражата од 11-тото коло на дуелот во Охрид меѓу Победа и Силекс(1-1) кога Победа е оштетена за недосуден пенал врз Карчески.
На овие 2 натпревари Силекс доби 3 а Победа загуби 3 бода….Дали тоа е рецептот на тимот на Ѕинго кој целокупната македонска фудбалска јавност знае како и на кој начин ,,работи,, со судиите. Токму затоа зачудува реакцијата на клубот кој е привилегиран. Ние коректно ги признаваме поразите. Сме биле, а сигурно и во иднина ќе бидеме незадоволни од од одредени одлуките на делителите на правдата. Но во никој случај нема да ја оспоруваме и омаловажуваме победата на противникот. Судиските грешки се составен дел на фудбалот и како такви треба да ги прифатиме.
Како на Силекс му беше добра и немаше забелешки на оваа иста судиска тројка од мечот во Прилеп (со која Победа патем првпат победува) за нејзината арбитража на мечот со Брегалница од 3-тото коло во Кочани, кога победи со 0-2. Зошто тогаш не зборувавте за излислен пенал и нарачано судење!? Или кога ќе победите се е во ред, а кога ќе загубите сите Ви се виновни!!! Е така нема да може колеги од ФК Силекс. Бидете коректни признајте го поразот. Виновници барајте во Вашите редови, а не кај судиите. Оставете ги нека си ја вршат работата. Грешат и тие, грешиме и ние заедно. Со вакво омаловажување на службените лица и на противникот ништо не сте направиле. ФК Победа достоинствено ги прима поразите. За наша несреќа тие се почести од победите. Но тоа е наш прблем и со тоа живееме и се трудиме работите да се променат на подобро. Ние не плачеме по ,,наши медиуми,, секогаш кога за тоа ќе ни текне без разлика дали е тоа реално или субјективно. Но очигледно тоа е Вашиот стил. Вашето постојано плачење по секој пораз Ве држи високо на табелата. Можеби и ние треба да ги ,,тероризираме,, медиумите и вината за нашите неуспеси ќе треба да ја бараме кај судиите, во ФФМ или кај противниците кои со туѓа помош не победиле. Не, тоа не е наш стил на работа. Тоа е разликата меѓу Победа и Силекс. Отсекогаш така било и така и ќе биде. Фудбалската јавност во земјава знае на какви се лакрдии прилепскиот клуб бил изложен токму на мечевите со Силекс. Во Прилеп режиравте прекин, во Кратово на еден меч се играше додека Силекс даде гол…па и во мрак…за да победите…
Пролетва имате освоено само 1 бод повеќе од нас. Силекс 12 а Победа 11 бодови. Кој Ви е крив. Сите судии на мечевите на кои не победивте!!!???
И, сето ова како заокружување на претходното коло во домашниот шампионат. Веќе утре не чека нова првенствена битка, разгорена пред се во битката за опстанок… Интересно, Брегалница ќе гостива на Силекс во Кратово, а Победа, пак, на Вардар, кој е речиси шампион а успеа да го совлада во претходната меѓусебна пресметка во Охрид. И Македонија ЃП се уште се надева на опстанок, гостувајќи утре во 30. коло од ПМФЛ на Пелистер во Битола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА