Македонија за три месеци ја очекува еден од најголемите спортски настани во нашата историја, УЕФА Супер купот 2017 кој на 8. август треба да се одржи на „Телеком арената“ во Скопје. Но, најновите несакани случувања на домашната политичка сцена, и комплетната безбедносна ситуација, ја принудува УЕФА од денеска засилено да „отвори очи“ околу организацијата на еден од трите најголеми европски клупски настани во 2017, дознава ЕКИПА.
Според нашите информации од извори од УЕФА, Европската куќа на фудбалот покрај досегашните стандардни процедури пред организација на вакви настани наредниот период, активно ќе ја следи и безбедносно-политичката ситуацијата во земјава под засилена комуникација со Фудбалската федерација на Македонија и со надлежните државни институции…
„Засега не се разгледува можноста за одземање на организацијата на Суперкупот во Скопје. Сепак, за тоа одлука може да донесе само Комитите за итност и Извршниот одбор на УЕФА, но наредниов период дефинитивно организацијата е ставена под засилен мониторинг, што е прв случај кога е во прашање организација на настан од вака висок ранг. Ќе има и засилена комуникација со ФФМ. Во секој случај, се ќе зависи од натамошниот тек на политичко-безбедносната ситуација во земјата“ – велат за ЕКИПА извори од УЕФА.
Како што дознаваме, УЕФА на почетокот од следниот месец можно е да излезе и со официјално соопштение околу текот на подготовката на Супер купот 2017 во Скопје.
Засега, од УЕФА, согласно досегашните контроли, се задоволни од подготовката на нашиот најголем стадион и целокупната пропратна организација, но се ќе зависи од безбедносната ситуација. Затоа што за Европската куќа на фудбалот, во прв план секогаш е безбедноста на актерите, службените лица и сите посетители кои во тој период ќе допатуваат во главниот град на Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА